|
Неодамна ја имав таа чест да станам кум на две прекрасни близначиња, Коста и Марија. Првиот пат кога отидов да ги посетам, бев вџашен од глетката: околу нив се насобрале сите роднини и пријатели и ги фотографираа со вклучен блиц. Децата беа прилично вознемирени. А, и јас. Тој настан ми даде повод да ви предложам неколку совети за тоа како можете значително да ги подобрите вашите семејни фотографии на кои главните актери се најмалите и најважните членови од семејството.
1. Исклучете го блицот. Мислењата се поделени по прашањето дали силниот блиц од фотоапаратот би можел да ја оштети детската ретина. Затоа, се консултирав со офталмолог и педијатар: не се знае со сигурност дали е штетно или не, меѓутоа досега се нема појавено случај на оштетување на детските очи, а тоа да е предизвикано директно од фото блиц. Затоа, мој совет е кога го фотографирате вашето бебе да го исклучите блицот. Секој организам реагира различно и не дозволувајте да се доведете до ситуација да предизвикате некои проблеми кои би можеле да имаат некои посериозни последици во иднина. Плус, блицот ја уништува целата магија што ја дава природното светло.

2. Барајте подобро светло. Вашиот главен извор на светлина нека бидат прозорците. Одлично е светлото во поладневните часови, кое е дифузирано од бели завеси. Препорачувам и користење на зилберица, со помош на која можете да постигнете поефектно осветлување. Доколку поседувате и flash глави кои ќе можете да ги дифузирате со софтбокс, истите можат одлично да се вклопат како примарен или секундарен извор на светлина.
3. Зголемете го ISO-то. Понекогаш ќе имате и светло кое нема да биде доволно да фотографирате со пониски ISO вредности. Затоа, слободно зголемете го. Не грижете се дали ќе предизвикате многу шум на фотографијата. Доколку направите одлична фотографија, сите ќе бидат среќни и никој нема да ви замери за тоа што има малку повеќе шум отколку што е потребно.

4. Внимавајте на позадината. Како и за секој друг вид на фотографија, и овде мора да внимавате на елементите кои го окружуваат вашиот централен субјект и би можеле непотребно да ви влезат во кадар. Затоа, тргнете ги сите непотребни елементи кои не сакате да се најдат во композицијата и со тоа да ја направат фотографијата помалку атрактивна
5. Приближете со поблиску. Доближете се и сконцентрирајте се на деталите. Истоа така, внимавајте на деталите и кога бебето е во интеракција со другиот родител или со некој предемет. Така ќе имате можност да ги доловите несекојдневните моменти, а тоа е рецептот за добрa фотографија.
6. Бидете трпеливи. Не можете веднаш да направите таква фотогроафија каква што посакувате. Од бебето не можете да барате веднаш, во даден момент, да направи специфично движење, гримаса или поза која што вие ја посакувате. Затоа, бидете трпеливи, упорни и секогаш подготвени. Верувајте дека ќе ви се исплати.

7. Организирајте ги фотографиите. Организирајте ги фотографиите според датумот, на месечно и на годишно ниво. Така би имале најдобар преглед врз сите фотографии, а и за тоа како расте вашето дете. И, не заборавајте да ги принтате вашите фотографии и соодветно да ги чувате во фото-албуми.
|