Банер
Интервју со Благоја Дрнков

„Во историјата на македонската култура на 20-тиот век, Благоја Дрнков создаде неизмерен опус од повеќе од 40.000 фотографии со кои тој стана личност која е истовремено и институција. Неговата естетика зрачи со духот од моментите и ситуациите. Неговите фотографии се преполни со детална и возвишена живост, а тоа е априори заради неговата високо естетска мотивација.“

 

Што мислите за развојот на фотографијата и нејзиното дигитализирање?

Дигиталната фотографија е техника. Фотографијата си е фотографија. Без разлика на кој начин е направена резултатот е ист. Една снимена фотографија денес, ќе биде иста и за 100 години без разлика на техниката која е користена. Прво беше на плочи, па на филм, а сега е дигитално. Развојот не може ништо да и направи на фотографијата. Таа секогаш ќе остане иста.

 

Кога сме кај плочите, филмовите... кој се грижи за вашите фотографии? Дали има некоја задолжена институција?

Не. Јас самиот се грижам за фотографиите. Во иднина моето семејство ќе продолжи да ги чува сите филмови, плочи и фотографии. Збирката беше понудена на неколку институции, но немаше особен интерес за сериозно зачувување.

 

Според ваша претпоставка, колку филмови, фотографии имате направено, водите ли евиденција?

Огромна бројка е тоа. Многу фотографии се развиени. Точната бројка не јa знам. Знам само дека сите филмови сум ги развил. Секогаш сум бил нетрпелив да дојде моментот на развивањето да ги видам резултатите. Сите филмови ги складирам соодветно. Ја чувам целата моја работа.

 

Кога сте развивале филмови сте ги модифицирале резултатите. Затемнување, изострување... дали мислите дека тие резултати се поверодостојни од тоа што е снимено? Дали тоа е финалната фотографија?

Да, секако дека сум ги модифицирал фотографиите. Знаете има и многу фотографии кои се оригинално добри. Не им треба никакво модифицирање. Но секогаш се наоѓа фотографија на која треба нешто да се избрише, да се поправат некои сенки, итн.

 

 

Сега, фотографирате дигитално? Какви фотографии правите денес?

Фотографирам колку што ми дозволуваат годините. Сепак сум човек во години. Последна фотографија што ми остави впечаток што ја направив беше на Велигден. Имаше две порцелански кукли направени да можат да држат јајце. Позадината беше одличен шарен чаршаф. Го земав апаратот, ја направив фотографијата. Излезе одлична честитка!

 

Како почнавте да фотографирате? Што највеќе ве инспирираше?

Беше тоа на мои 5 години. Татко ми викна еден човек кој беше фотограф. Тогаш апратите беа на плочи. Секако имаа и платно. Го стави платното и почна да нé мести како да застанеме. Го погледнав црното платно и ме потсети на магионичарите што доаѓаа и правеа интересни трикови низ градот. Тоа беше првиот момент, кога фотографијата ме грабна.
Поминаа 2 години, јас постојано мислев на тоа. Имаше еден дуќан во центар, што продаваше фото апарати и различни технички работи. Имаше интересна играчка во тоа време, од старите филмови се сечеа кадри на парчиња и се продаваа во комлет за правење мали фотографии. Се што беше потребно за да излезе некоја фотографија беше хартија, стакло и потоа солена вода. Секако, сето тоа требаше да биде изложено на светлина подолго време и така почнав да ги правам првите фотографии.

 

Како се развиваше вашата љубов кон фотографијата?

Понатака кога бев трета година гимназија, професорот по физика ме забележи дека се занимавам со фотографија. Тој всушност виде дека им делам фотографии на соучениците. Професорот по физика се занимаваше со фотографија. Нели, оптика и фотографија се технички врзани работи. Ме виде мене како делам мали фотографии и еден ден ми рече „Класната ќе ви каже дека ќе одиме на излет на Водно. Јас ќе дојдам, ќе одиме заедно јас и ти. Ќе ти го дадам фотоапаратот и ќе видиш како се снима со еден апарат. Гледам дека ти правиш фотографии, но тоа не е вистинска фотографија. “.  Имаше ли посреќен човек од мене?

Во тоа време било реткост да се поседува апарат...

Да, секако. Среќен бев што професорот ми ја даде таа можност. Тој снимаше фотографии, јас гледав и учев. Ме учеше како да гледам низ апаратот. Ми го покажа вистинскиот свет на фотографијата.  Ми рече „Утре, ќе дојдеш кај мене да видиш како се развива една фотографија“.
Утредента отидов во лабораторијата. Најпрво се запознав со неа. Потоа го следев внимателно мојот професор како ги развива фотографиите. Ми даваше некои ситни задачи, да ги мијам материјалите со кои работи, но јас бев пресреќен и со тоа, бидејќи постојано го набљудував процесот на развивање на фотографии. Наредниот ден, повторно бев кај него да ги видам резултатите. Навистина човекот сакаше да ме научи како се развиваат фотографии. Сакаше едноставно да ми го пренесе сето знаење. Имав среќа да го видам целиот процес.
Потоа си се запрашав самиот „Како ќе развивам фотографии без фотоапарат?“. Ми дојде идеа да ги купам потребните хемикалии и да одам кај фотографи да ме фотографираат и подоцна јас сам да си ги развивам фотографиите. Така одев кај неколку фотографи, тие ме фотографираа, им плаќав за плочите, ги земав и ги развивав дома.
Подоцна завршив 4та година гимназија и се вработив во една книжарница како продавач. Меѓутоа љубовта кон фотографијата не ме напушти. Од спроти книжарата каде што работев имаше продавница за фото опрема, за секакви материјали поврзани со фотографијата. Често ја посетував таа продавница и од таму си ги купував сите материјали потребни за да ги правам фотографиите. Еден ден продавачот од продавницата ме виде и ми рече „Те гледам кога купуваш материјали, не купуваш плочи? Од кај наоѓаш плочи?“. Јас му реков дека немам апарат, дека одам по луѓе да ме сликаат и потоа сам дома си ги развивам фотографиите. Тој ми рече „Не ја бива така работата. Сакаш ли јас да ти дадам еден апарат кој чини 500 динари. Ти ќе ми даваш по 50 динари месечно додека не го исплатиш. Може ли така?“. Тоа беше инзвонредна идеа. Веднаш му дадов 50 динари од работата што ја работев. Така дојдов до мојот прв апарат, долги години после интересот за фотографија. Најважна беше желбата и сеќавањето на фотографот со платното што го видов кога имав 5 години.
Но не беше тука приказната завршена. Сопственикот на продавницата за опрема која се викаше ФотоАматер ми предложи да се вработам кај него хонорарно да му ги средувам документите како сметководител (во меѓувреме додека работев во книжарата завршив виша школа за сметководство).Секако дека го прифатив тој предизвик, знаејќи дека многу работи можам да научам од таму.
Додека работев хонорарно, во дуќанот забележав една филмска камера која ја откупив од дуќанот. Тоа беше едно од моите први запознавања со филмот.
После некое време, сопственикот на ФотоАматер ми понуди постојана работа таму која неможев да ја одбијам. Бидејќи тој старееше, сакаше некој помошник околу него постојано. По неколку години тој реши да ми го продаде дуќанот .


(Фотограф.мк успеа да дојде до каталог од меѓународен натпревар во Словенија, 1952-ра година во кој една од избраните фотографии е токму оваа фотографија на Благоја Дрнков. Го потсетивме на тие денови, а воедно и го запрашавме за таа тема)


 

Учестувавте ли на многу интернационални изложби? Имате ли некои позначајни награди и признанија?

Да, да. Секако. Учествував на многу интернационални изложби и добивав доста награди. Имам признанија од Лондон, Берлин... и од многу други европски градови.

 

Вие сте и мајстор на фотографија во Македонија...

Да. Го добив и тоа признание токму преку интернационалните изложби. Слично признание имам и за работата со филмот.

 

Ги посетувавте ли често тие изложби (натпревари) ?

Не секогаш. Знаете, некои беа премногу далеку. Но се трудев колку што можам повеќе да одам на тие манифестации. Сепак, половина свет го прошетав со фотографијата.


(Забележавме неколку фотографии од книгата на Дрнков- „Мојата Македонија“, која може да ја најдете во книжарата „Матица Македонска“ , се заинтересиравме за фотографираните моменти)



Фотографијата со дрво се случи случајно. Возејќи се со автомобил, го видов тоа интересно дрво. Му реков на возачот да застане зошто морав да го сликам. Го најдов аголот од кој тоа изгледа како човек со многу раце како да свири на труба.
Секогаш гледам да извлечам нешто повеќе од реалната сцена. Секогаш се трудам фотографијата да има приказна која ќе ја разбираат сите. Едноставно правам мој осврт кон сцените.

 

Низ времето додека фотографиравте, се здружувавте ли во фото клубови?

Да, имавме фотоклубови. Имаше дружба , но сепак самостојната работа е патот кон успешна фотографија.

 

Покрај фотографија, како што напоменавте се занимавате со филм. Раскажете ни малку за филмот. Дали преферирате фотографија или видео?

Се започна со фотографијата. Подоцна откако ја купив првата филмска камера почнав да правам филмови. Желбата за филм ми се јави доста време пред да почнам да го работам тоа. Знаете, во тоа време немаше многу луѓе што се занимаваа со филмот. Всушност, јас бев еден од првите кои се занимаваа со филм. Го доживував како некоја нова работа, а сепак познато. Тоа е надоградба на фотографијата. Проблем беше што кај нас во тоа време немаше каде да се развиваат тие филмови. Па морав да ги развивам во Белград.
Имав многу снимки направено. Снимав многу теми. Правев филмови, снимав свадби, снимав македонски обичаи, едноставно се што ме инспирираше. Успешна снимка направив и од свадбата на ќерката на Киро Глигоров, сите беа изненадени и задоволни од резултатот.


Она што следуваше е отварањето на филмската продукција кај нас во Македонија. Ми беше понудена позиција на директор на „Вардар Филм“, која со задоволство ја прифатив. Го напуштив мојот дуќан ФотоАматер, бидејќи во тоа време луѓето не вложуваа многу во фото опрема.
По „Вардар Филм“ преминав во Етнолошкиот музеј како фотограф и снимател.
Фаворит помеѓу фотографија и видео? Немам. Едноставно и двете работи ми се драги на свој начин. Видеото беше нешто ново за мене, но љубовта кон фотографијата не престана. Напротив, ден денес јас сеуште фотографирам.



Ја фотографиравте Македонија и нејзините убавини. Раскажете ни нешто за тоа.

Единствено место кое не успеав да го фотографирам во Македонија е Кокино. Незнам дали ќе бидам способен да се искачам до таму, но тоа ми е желба да го направам во периодов кој доаѓа. Инаку, Македонија ја имам фотографирано целосно. Многу села, градови, манастири, цркви, џамии и секако луѓе. Фолклорот, традицијата биле секогаш посебна инспирација за мене. Имам и многу фотографии направени од авион, над градовите, манастирите, селата.

 

Што ви претставувало поголема инспирација? Луѓето или природата?

Не би можел да одвојам едно нешто. Сакав се да фотографирам. Во секоја сцена си наоѓав моја приказна. Секоја фотографија ја обмислував добро пред да ја направам.

 

 

 

 

maj 2010, Скопје

Марио Давчевски, Атанас Бајлозов


blog comments powered by Disqus