|
Во еден преплавен и презаситен медиум, каков што е фотографијата, ретки се фотографите кои успеваат да го пронајдат својот уникатен поглед и оригинален стил. Да, следното кое ќе го напишев беше- „Но, меѓу малкумината оригинални и свои фотографи е Мартин Пар, престижниот член на Магнум фотос“, но , наместо тоа ќе се запрашам- зошто? Зошто токму Мартин Пар? Што има толку впечатливо и длабоко во фотографија на голема порција помфрит со кечап и мајонез? Одговорот е ништо! Да, ништо, и точно во тоа е големината на Мартин Пар. Наместо натрупаните со симболи, силно впечатливи, шокантни или импресивно грандиозни фотографии, наместо необична светлина, убава шминка, оригинален костим и намачканата со златна боја моделка во невозможна поза, Мартин Пар фотографира куче со очила.

„Погледнав што прават моите колеги и се запрашав каква врска има тоа со она што се случува овде и сега? Модерната фотографија се интересира само од мал дел од реалноста- визуално интересни луѓе, многу богати или екстремно сиромашни и носталгија“-Мартин Пар.
За разлика од тоа, фотографиите на Мартин Пар се банални, хиперболизирани, гротесктни. Објектите на фотографирање се чудни, боите се премногу силни, перспективата е искривена. Растечен од топлината кармин по напукани женски усни, преполни колички во супермаркети, свежо сервиран сладолед со многу шлаг, крофна во раце со црно под ноктите се само дел од необичните образи уловени од објективот на Мартин Пар. Наситени со хумор, иронија, критика, сарказам, неговите фотографии се оригинални, забавни, достапни и разбирливи. Тие се директно огледало на она кое не опкружува, во нивната баналност се пронаоѓаме, се идентификуваме

Фотографијата на мрсната, нездрава брза храна не е ли е на еден пенетрирачки начин олицетворение и визуализација на начинот на кој живееме, кои сме, кои сакаме да бидеме и кои се нашите вредности? Конзуматорството, комуникацијата и патувањата се мал дел од социјалните феномени кои британецот Пар ги истражува. Овој хроничар на времето, создава фотографии на вистинското секојдневие, оставајќи материјал за идните генерации. Тој ни овозможува да ги погледнеме одново работите кои ги гледаме секој ден но овој пат во поинаков контекст и на поинаков начин. На тој начин, тој создава слика , енциклопедија на нашето време, на нашето општество, на сите знаци на глобализацијата во него.
Се разбира, не сите го делат истото мислење за неговите фотографии. Имено, Мартин Пар е еден од најконтроверзните фотографи во агенцијата Магнум. Неговиот најголем противник е долго годишниот член на Магнум, реномираниот фотограф Јонес Гриффитхс.

„Мартин Пар не припаѓа во Магнум! Неговите фотографии се скокотливи на некој начин, но тоа не го менува фактот дека се бесмислени!“- Jones Griffiths Сепак, покрај долго годишната битка и двоумења, Пар успева да стане полноценнен член на светската агенција во 1994 година, рамо до рамо со фотографиите на легендарниот Бресон и Капа. Победа која донесе голема револуција во Магнум и засекогаш го смени ликот на оваа агенција.
„Да, дефинитивно Мартин Пар внесе новости во Магнум и морам да признаам дека понекогаш додека гледам фотографии на вебстраната на Магнум не можам а да не посегнам по апчињата против повраќање.“- Jones Griffiths

Ве поканувам на едно мошне интересно визуелно преживување, погледнете ги контроверзните фотографии на овој исклучително интересен фотограф, без потреба од било какви апчиња , се разбира и сами проценете за вредноста и смислата на неговото творшество. Само едно е сигурно, ќе се насмеете од се срце на општеството, на човекот , но пред се, на самите себе си.
Галерија на Martin Parr можете да погледнете тука
Официјален веб сајт Линк до неговото портфолио на страната на Magnum photos Линк до портфолиото на Jones Griffiths на страната на Magnum photos
|