Банер
Како функционира еден фотоапарат: Дел I

Денес секој од нас може а најверојатно и поседува фотоапарат во една или друга форма. Желбата на луѓето да овековечат некои моменти од своите животи придонесе за интензивен развој на фотографијата и фотографската технологија, па така направен е голем исчекор од времињата кога фотоапаратот беше семејно богатство кое не ретко се позајмуваше на роднини и пријатели кои не ја имаа таа среќа да располагаат со оваа технологија. Сега фотоапаратите се насекаде, почнувајќи од мобилни телефони и привезоци за клучеви до скапи и професионални модели за искусните корисници.

Широката распространетост значи и неопходност од едноставно ракување која ќе му овозможи на секој да направи фотографија без притоа да има било какви познавања од областа. Така се родија популарните “идиотчиња” или “point and shoot” – “впери и сликај” модели кои освен притискање на едно копче не бараат никаква друга вештина од корисникот. Предностите се очигледни, дури и вашата баба и дедо без поголеми потешкотии можат да ракуваат со фотоапарат, меѓутоа тоа не значи дека елементарното разбирање како функционира фотоапаратот е излишно. Напротив, комбинација од едноставната употреба и основни знаења за тоа што се случува при фотографирањето можат значително да ја подобрат вашата фотографија, ќе научите зошто понекогаш сликите не се онакви какви што очекувате да бидат и ќе можете да примените одредени трикови кои ќе ви го олеснат фотографирањето. Со стекнување на овие основни предзнаења ќе можете и да заштедите при купувањето на фотоапарат преку купување на модел кој е соодветен за вас, наместо да дадете многу пари за функции кои никогаш нема да ги користите. Но да одиме со ред, да се запознаеме прво со тоа што точно се случува при забележување на некоја слика.

Секој фотоапарат се состои од неколку делови, од кои нај впечатливо е телото. Тоа е делот кој го држите во рака и на и во кој се сместени основните функции на апаратот, како разните копчиња, дисплејот визирот или и двете доколку ги има и филмот или сензорот кои се наоѓаат безбедно затворени во неговата внатрешност. Прицврстен на предниот дел на телото се наоѓа вториот поголем елемент, објективот. Објективот, во зависност од моделот може да биде променлив или не променлив.

SLR апарати

На дијаграмот долу е претставен SLR фотоапарат (SLR – Single Lens Reflex) или помеѓу народот познат како професионален апарат. Нека не ве збунува тоа што станува збор за малку по комплексен модел бидејќи и наједноставните апарати функционираат на истиот принцип. Како што веќе рековме прикажани се двата основни дела на машината, телото и објективот, како и важните помали делови. Следува објаснување за процесот кој се случува во делот од секунда во кој откако ќе го притиснете копчето за сликање ја добивате вашата фотографија.

 

Single Lens Reflex - SLR


Светлината која ја рефлектираат предметите и околината кон која го имате вперено вашиот фотоапарат преку објективот навлегува во телото. Целта е таа да падне на филмот или дигиталниот сензор по што преку хемиска реакција или компјутерски алгоритми таа се забележува на соодветниот медиум (филм/мемориска картичка). Во моделот на сликата има уште еден дополнителен елемент кој го попречува патот на светлината до задниот дел на телото каде се наоѓа филмот односно сензорот. Тоа е огледало кое светлината која влегува ја пренасочува кон пентапризмата која пак ја извртува и му ја прикажува на фотографот низ визирот, преку кој тој гледа што слика. Во моментот кога ќе се притисне копчето за фотографирање огледалото се крева во хоризонтална положба при што светлината непречено доаѓа до сензорот или филмот, каде се забележува она што веќе сме го виделе во визирот. Тоа е комплетниот процес кој се одвива во апаратот преку кој се врши фотографирањето.
На дијаграмот е претставена и завеса за фотоапарати кои наместо огледало го користат овој метод што не ја менува основната функција на елементот, попречување на светлината да допре до филмот или сензорот. Исто така кај моделите кои користат завеса наместо огледало, нема пентапризма. Таму визирот е засебен дел кој не ја користи истата патека на светлината која патува преку објективот туку е соодветно прилагоден да даде што е можно поточна слика на она што го гледа објективот притоа не користејќи ги истите патишта. Овие модели најчесто се значително помали од SLR фотоапаратите и се едни од најчестите со кои сте се среќавале во минатото, старите семејни апарати за кои говоревме се претежно од овој тип.

 

 

Сензор на дигитален SLR фотоапарат

Разлика меѓу Point and shoot и SLR

Разликата помеѓу SLR фотоапаратите и компактните апарати (“идиотите”/”впери и сликај”) се состои во тоа што тие елиминираат неколку делови од овој механизам. Слично како апаратите кои функционираат со завеса, point and shoot апаратите не користат огледало и пентапризма, но исто така не користат и завеса а се поретки се и моделите кои имаат визир. На местото на овие елементи тие користат електроника. Сликата непречено минува низ објективот и стигнува до сензорот кој преку целото време е вклучен и всушност постојано снима, а живиот приказ на сликата се пренесува на дисплејот кој се наоѓа на задниот надворешен дел на телото каде фотографот го гледа она што го гледа и фотоапаратот. По притискањето на копчето за сликање по електронски пат се забележува она што било на дисплејот во тој момент. Преку користење на модерната технологија се овозможува отстранување на оние елементи кои апаратот го прават голем и гломазен, со што се отвора патот за изработка на современите минијатури од апарати кои како да патат од посериозна форма на анорексија поради што без проблем го наоѓаат своето место во вашите џебови, од каде и потекнува името компактни.


Во наредниот дел продолжува објаснувањето за основите на фотографијата, каде повеќе ќе се задржиме на трите главни фактори, бленда, брзина на затворачот и осетливост на светлина, кои одредуваат колку светлина ќе допре до филмот или сензорот на вашиот фотоапарат. Нешто што е од големо значење и кое ќе ви разјасни голем број на дилеми и фрустрации, особено оние поврзани со матните слики.


blog comments powered by Disqus