|
White Balance – WB е процес при кој се отстрануваат нереалните бои врз објектите во фотографијата. Името White Balance доаѓа од тоа дека тој ја оценува белата боја, т.е. објектите кои се бели во живо треба да се прикажат и како бели на вашата дигитална фотографија. Правилниот WB се постигнува со нагодување на „температурата“ на светлинскиот извор, што всушност се однесува на потопла или поладна нијанса на белата светлина. За разлика од нашите очи, камерата не е толку „стручна“ да оцени што е бела боја при различни светлински услови. Во повеќето фотоапарати постои опција Automatic White Balance – AWB што исто така не е сигурен метод дека боите што ќе ги добиете на една фотографија се всушност оние реалните. Неправилен WB може да ви создаде фотографија во која преовладува жолтеникава, сина, зелена или други нереални бои кои особено влијаат кога фотографирате луѓе. Разбирањето на White Balance ќе ви помогне да ги избегнете оние нереални бои создадени од вашиот фотоапарат.
 
Различен WB на иста фотографија
Малку физика
„Температурата на бојата“ од извор на светлина е температурата на црно тело што зрачи светлина со споредлива нијанса на тој извор. Црно тело е она тело што ниту ја рефлектира светлината, ниту ја пропушта. Тоа ја апсорбира светлината. Сепак црното тело емитира температурно зависен спектар на светлина. Ова се нарекува термална радијација. Во праксата црно тело би можело да претставува некој камен или метал. Тоа не е идеално црно тело како во физиката, но сепак е нешто приближно на тоа.
Се поставува прашањето зашто е температурата на бојата корисно опишување на светлината за фотографите иако тие никогаш не се среќаваат со вистинки црни тела? Па, светлинските извори како дневната светлина или волфрамовите светилки приближно ја имитираат дистрибуцијата на светлина креирана од црни тела, иако други извори како флуросцентните и многу комерцијални светла многу се разликуваат од црните тела. Бидејќи фотографите никогаш не го користат изразот „температура на боја“ во врска со светлосен извор од идеално црно тело, изразот е променет во „корелирана температура на боја“. Следи една табела за температурите:
| Температура |
Светлосен Извор
|
| 1000-2000 K |
Светло од свеќа
|
| 2500-3500 K |
Волфрамова светилка
|
| 3000-4000 K |
Изгрејсонце/Зајдисонце при чисто небо
|
| 4000-5000 K |
Флуоресцентни ламби
|
| 5000-5500 K |
Електронски блиц
|
| 5000-6500 K |
Дневна светлина со чисто небо
|
| 6500-8000 K |
Умерено облачно небо
|
| 9000-10000 K |
Сенка или силно облачно небо
|
White Balance во пракса
Во денешно време повеќето дигитални апарати, имаат голем дел на предефинирани White Balance вредности. Има повеќе симболи кои се користат за тие вредности, а тоа се:
Automatic White Balance
Custom
Kelvin
Tungsten - волфрам
Fluorescent
Daylight
Flash
Cloudy
Shade
AWB или Automatic White Balance е достапно кај сите дигитални апарати и најчесто користи алгоритам кој работи од 3000 К – 7000 К. Custom – е опција која дозволува самите да ја дефинираме белата боја. Тоа најчесто се прави на тој начин што земаме бел (или сив) предмет, одбираме на апаратот Custom WB и едноставно го фотографираме тој предмет. Така му даваме на знаење на апаратот дека тоа е бела боја и потоа тој го подесува White Balance-от во согласност со таа фотографија. Останатите 6 опции кои ги прикажавме користат различна температура. Нивните слики и нивниот опис кажуваат за кои услови тие служат. Многу компактни апарати не ја поседуваат опцијата shade. Како и да е сите овие опции грубо ја проценуваат моменталната светлина. Пример, не секогаш кога има дневна светлина треба да се користи опцијата daylight. Во некои делови од денот ќе се соочиме со момент кога треба да користиме опцијата cloudy за daylight услови. Главно откако ќе направите една пробна фотографија и ако е премногу „ладна“ тогаш бирате некоја од последните опции (cloudy, shade), додека ако е премногу „топла“ бирате некои од првите опции (fluorescent, daylight…). Доколку сеуште неможете да ја нагодите температурата, можете да изберете опцијата Kelvin и сами да внесете вредност за правилен избор. Доколку и така не успеете да го изберете правилната температура, тогаш останува тоа да го направите во пост продукцијата во Photoshop или некој соодвете програм.
Мешана светлина
Многу често се случува да се направат фотографии во кои има 2 типа на светлина. Тоа е случај на пример со ноќната фотографија подолу. Таа фотографија има две различни светлини кои можеме да ги земеме референтни. Едната е светлината од месечината, а другата е светлината од објектот. Разликата во White Balance - от е многу очигледна. Најчесто е добро да се одбира WB кој е базиран на месечината а не на вештачкото светло. Тоа е така бидејќи ако го одбереме вештачкото светло за референтно добиваме многу неприродна боја на небото.
 
Заклучок
Со една реченица, White Balance претстатува метод со кој ги правите боите да изгледаат што е можно поточно до вистинските бои на сцената на која сте фотографирале.
|