Банер
Споредба на RAW и JPEG формат на фотографија

Бидејќи RAW и ЈPEG форматите се блиско поврзани со пост-продукцијата и се најупотребуваните формати на фотографија, ќе дадаме осврт кон нивните предности и разлики.

Што е RAW?

  • RAW форматот не е фотографски фајл. За да го отворите ќе ви треба посебен софтвер, на пр. ACD See.
  • Не е компресиран формат, затоа зафаќа повеќе простор. Апарат со 12 мегапиксели би направил фајл со големина од 12 па и повеќе мегабајти.
  • Содржи најмалку 8 бита по боја - црвена, зелена и сина. Содржи најмалку 12 бита по локација. Новите апарати содржат и до 12 бита за боја и 36 за позиција.
  • Подобар во динамичниот опсег. Може да прикаже shadows и highlights.
  • Послаб контраст.
  • Послаб на острина.
  • Не е наменет за принтање веднаш од апарат без предходна пост продукција.
  • Доколку некогаш наидете на кражба на ваша фотографија, најлесно ќе докажете дека истата е ваша со приложување на RAW формат на фотографија. Тоа е така бидејќи неможете да конвертирате JPEG во RAW. А секако на интернет можете да ја прикажете JPEG а не како RAW. Ако некој ви ја украде на USB, тогаш нема спас :)

Додека JPEG е:

  • Стандарден формат на фотографија кој можете да го отворите со кој и да било софтвер за фотографии.
  • Компресиран формат, затоа зафаќа помалку простор. Апарат со 12 мегаписели би направил фајл со големина до 5 мегабајти.
  • Содржи точно 8 бита по боја - црвена, зелена и сина. Содржи точно 12 бита по локација.
  • Послаб во динамичниот опсег.
  • Поголем (повиок) контраст.
  • Поостар.
  • Наменет е за принтање веднаш од апарат без да му е потребна предходна пост продукција.
  • Лесен за манипулација. Но при секоја манипулација се губи од квалитет.

изглед на raw фотографија отворена со Camera RAW на Adobe Photoshop CS4

Доколку сте нови во фотографијата, а сте купиле апарат кој подржува RAW формат, можно е самите да не го знаете тоа. Можеби го знаете целото мени на апаратот и при пребарувањето сте го виделе RAW форматот и некогаш сте се запрашале што е тој формат? Зошто да го користам доколку си го имам едноставниот JPEG формат? Тоа се најчтесто поставуваните прашања на таа тема. Откако ги дефиниравме форматите одговорот е лесен и очигледен!

Разликите меѓу RAW и ЈPEG водат до момент каде би требало да одберете формат со кој ќе фотографирате. Но, новите апарати имаат опција каде можете да фотографирате и во двата формата. Да, токму така. Одбирате во вашиот апарат опција во Image Quality RAW+JPEG и тогаш сте спреми да фотографирате во двата формата. Проблемот е што доколку користите апарат со повеќе од 10 мегапиксели, тогаш вашите 2 фајлови кои претставуваат една фотографија би се движеле од 15 мегабајти па нагоре. Значи во еден гига-бајт картица можете да зачувате само 68 фотографии. Но, бидејќи цената на картиците рапидно опаѓа би можеле да си дозволите картица од 8 гигабајти (или неколку такви) и да ги фотографирате со двата формата.

Сепак, доколку ја сфатите фотографијата посериозно и сакате да правите квалитетни принтови ќе фотографирате најчесто само во RAW формат. Со овој формат буквално ќе ја „исцедите“ цела моќ на вашиот апарат до последен бит информација! Доколку пак не ви е важен квалитетот на фотографијата и не планирате да правите големи принтови, како и не планирате да се занимавате со пост-продукција на веќе снимените фотографии, тогаш фотографирајте JPEG!

Сепак и покрај кажаново има искучоци. Има професионални фотографи што фотографираат JPEG. Тоа го прават бидејќи сакаат да заштедат време на пост продукција (на пр. фоторепортери) или пак фотографират во JPEG зашто не знаат за RAW.

Фотографирање во JPEG

Кога фотографирате JPEG, софтверот на апаратот ќе ја превземе информацијата од сензорот и ќе ја обработи пред да ја сочува. Сево ова се случува многу брзо. Дел од бојата се губи како и дел од резолуцијата. На некои апарати има повеќе шум на JPEG отколку на RAW.

Главната работа што се случува во апаратот е што една фотографија се дели во блокови од по 8х8 пиксели. Кога фотографирате JPEG софтверот одлучува кои пиксели можат да бидат исфрлени без да се направи голема штета. И кога фотографијата е вратена назад во редови кои имале 24 различни тонови, сега може да имаат само 4 тонови. Информацијата е засекогаш загубена.

Доколку фотографирате JPEG со DSLR апаратот сигурно ќе добиете поквалитетна фотографија отколку ако фотографирате со некој компактен апарат, но нема да го извадите максимумот од DSLR-от. Доколку фотографирате рафално повеќе фотографии тогаш JPEG може да сочува многу повеќе додека не се наполни баферот (меморијата) отколку доколку фотографирате во RAW. Тоа е така бидејќи RAW форматот е многу поголем.

 

симулирање на ND Gradient Filter

Фотографирање во RAW

Доколку фотографирате во RAW, тогаш ќе ги процесирате фотографиите на компјутер. Фотографирање во RAW ќе ви даде повеќе контрола врз изгледот на фотографијата и ќе ви овозможи да корегирате грешки како на пример ексопозиција.

Секако, за да ги обработувате RAW фотографиите ќе треба да си набавите софтвер за тоа. Најлесно може да дојдете до Camera RAW на Adobe Photoshop. Но, секој има различни ставови окулу овој дел. Можете да пробате повеќе RAW софтвери па да одлучите кој највеќе ќе ви прилега. Конкретно за Photoshop, кога ќе отворите RAW во него ќе ви се отвори диалог прозорец кој ви овозможува контрола врз RAW форматот.

Најдобриот дел од RAW фотографирањето е што можете да го контролирате White Balance-от на компјутерот. Немора да се грижите за истиот кога фотографирате, туку можете да го направите тоа на вашиот компјутер. Иако и во JPEG истиот може да се симулира, сепак тоа е многу позгодно да го направите на RAW формат кој нема изгубено ниту дел од бојата.

Дел од работите кои може да ги „поправите“ кога ќе ви се отвори RAW диалог прозорецот се: white balance, контраст, сатурација, експозиција, калибрација на RGB, острење на фотографијата, како и симулирање на ND Gradient Filter (можно само во Camera RAW на Adobe Photoshop CS4).

Заклучок:

RAW или JPEG?

Нашиот одговор е дефинитивно RAW. Жално е да имате добар апарат (DSLR) и да не го користите неговиот максимум. Доколку никогаш до сега не сте го пробале RAW форматот, пробајте го нема да му наштетите на апаратот воопшто. Ќе бидете изненадени од колку слобода имате при пост продукција без да почнете да го губите квалитетот на фотографијата. Сепак, доколку брзината на вадење принтови ви е побитна отколку квалитетот на истите тогаш фотографијате JPEG.


blog comments powered by Disqus